Умот не е брод што треба да се натовари, умот е оган што треба да се разгори.“ - Плутарх

среда, 20. март 2013.

МАСЛЕНИЦА



Масленица – недела на палачинките 

(Традицијата на правење палачинки во Русија постоела уште од пагански времиња. Тогаш богот на сонцето Јарило бил повикуван да ја протера зимата, а тркалезната румена палачинка била симбол за летното сонце.)



ООУ "Димитар Миладинов" - Општина Центар Скопје


Во училиштето Димитар Миладинов на 16 март (сабота) се прослави празникот руска Масленица, македонска Прочка. Во приредбата учествуваа: фолклорното друштво Димитар Миладинов, танчерите од петтите одделенија од ООУ Димитар Миладинов со гости, ученици од други училишта кои го изучуваат  рускиот јазик и друштвото Славјанка.

Приредбата (настанот) се заврши со палењето на големата кукла од слама, која претходно ја красеше училишната сцена. Тоа според руските обичаи го означуваше заминувањето на зимата и доаѓањето на потоплите денови, односно пролетта.










Масленица, неделата во која се одбележува крајот на зимата и која е исполнета со веселба, семејни обичаи од секаков вид, како и вкусните палачинки кои го симболизираат сонцето и понатаму е омилениот празник во современа Русија. Зборот „Масленица“ во рускиот јазик означува древен словенски празник кој води потекло од паганската култура, а е зачуван и по примањето на христијанството. Црквата ја вброила „Масленицата“ во своите празници, нарекувајќи ја Сиропустна или Сирна седмица (која му претходи на Големиот пост). Оваа година Масленица започнува на 11 март. Според една верзија називот „масленица“ потекнува од тоа што според православниот обичај во оваа седмица не се јаде месо, но сè уште се употребуваат млечни производи. Масленицата е највеселиот период на народната веселба, кога се подготвува најмногу храна. Народот многу го сакал овој празник и секогаш од милост го нарекувал „шеќерна уста“, „крчмарка“, „чесна масленица“, „весела“, „пресита“. Неодминлив дел од празникот е возењето со санки со коњски запреги на кои за оваа пригода им била ставана најдобрата опрема. Момчињата кои се подготвувале за женидба купувале санки специјално за оваа пригода. Во возењето задолжително учествувале сите млади двојки. Покрај возењето во големите санки, празникот масовно се одбележувал и со санкање. Постоеле и други обичаи, како што се скокање преку оган и освојување на снежниот град. Во 18 и во 19 век главен настан на празнувањето била селската покладна комедија, во која учесниците биле преправени во „Масленица“, „Војвода“ и друго. Сценариото на комедијата било во духот на празникот: учесниците се гоштавале во пресрет на постот, си ги проштевале еден на друг навредите и ветувале дека ќе се вратат следната година. Честопати во сценариото биле додавани и некои реални случки од определениот крај. Масленицата за време на многуте векови го сочувала својот карактер на сенародна веселба. Сите обичаи поврзани за овој празник имаат за цел да ја избркаат зимата и да ја разбудат природата од сонот. Масленицата се дочекувала со покладни обредни песни на снежните ритчиња. Симбол на празникот била куклата од слама (чучело), облечена во женски фустан, на која народот ѝ се подбивал и со која се веселел. На крајот куклата се палела заедно со палачинката што ја држела в рака. Палачинките се главното јадење и претставуваат симбол на Масленицата. Се прават секој ден, почнувајќи од понеделник, а особено во големи количества се прават од четврток до недела. Традицијата на правење палачинки во Русија постоела уште од пагански времиња. Тогаш богот на сонцето Јарило бил повикуван да ја протера зимата, а тркалезната румена палачинка била симбол за летното сонце. Традиција било секоја домаќинка да има свој сопствен рецепт за подготвување палачинки, а тој рецепт се пренесувал од колено на колено по женска линија. Палачинките обично се правеле од брашно од пченица, хељда, овес и пченка, при што се додавала каша од просо или од гриз, а исто така и компири, тиква, јаболка и слатка павлака. Во Русија постои обичај првата палачинка да се направи за покој на душата и се дава на сиромавите за помен на сите починати или се остава на прозорецот. Палачинките се прават со павлака, со јајца, кавијар и други вкусни додатоци, а се јадат од утро до вечер, заедно со други јадења. 

Ден по ден

Целата недела во народот се нарекувала „чесна“, „широка“, „весела“, „бојарка-масленица“, „госпоѓа масленица“. сè уште секој ден од неделата има свој назив според кој се гледа што треба да се прави тој ден. Во неделата наспроти Масленица е вообичаено да се посетуваат роднините, пријателите и соседите, а исто така и се канат гости. Во текот на Масленицта не се јаде месо, и затоа последната недела пред почетокот на Масленицата се нарекува „месна“. Тој ден тестот го канел зетот за да го „дојадат месото“.
Понеделникот се нарекува „пречек“ на празникот. На овој ден се правеле патеки за санкање. Децата од утрото почнувале да ја прават куклата од слама, ја облекувале и ја возеле низ улиците. Се правеле и нишалки, а се подготвувала трпеза со благо.
Вторникот се нарекува „разигрување“. На овој ден започнувале веселите игри. Од утрото девојките и момчињата се санкале и јаделе палачинки. Момчињата си барале невести, а девојките младоженци (со тоа што свадбите се организирале дури по Велигден). 
Средата се нарекува „јадачка“. На сите гозби, секако, палачинките биле на прво место. Зетовите оделе на палачинки кај тештите. 
Четвртокот се нарекува „веселба“. На овој ден требало да му се помогне на сонцето за ја избрка зимата и затоа биле организирани возења со санки со коњска запрега „по сонцето“, односно се обиколувало селото во правец на стрелките на часовникот. Во четврток за машките било најважно да г о одбранат или да го заземат снежниот град. 
Петокот се нарекува „тештински вечери“, кога тештата оди „кај зетот на палачинки“. 
Саботата се нарекува „золвинска седенка“. На овој ден се одело на гости кај сите роднини и сите правеле палачинки. 
Недела е завршниот, „проштален ден“, кога од блиските се бара прочка за сите навреди, а потоа започнува веселба со песна и со игри, со што се испраќа Масленицата. На овој ден во огромен оган ја палеле куклата од слама, со што се означувало заминувањето на зимата. Таа се поставувала среде огнот, а насобраниот народ од неа се простувал со шеги, песни и со игра, карајќи ја зимата за мразевите и за оскудната храна, и фалејќи ја за веселите зимски забави. На крајот куклата се палела со весели извици и песни. Кога ќе „изгорела зимата“, започнувала крајната забава на која младите прескокнувале преку огнот. Со ова надигрување завршувал празникот Масленица. 
Конечното проштавање од Масленицата се случувало на првиот ден од Велигденските пости, односно Чистиот понеделник, кој се сметал за ден на чистење од гревовите и од мрсната храна. Вообичаено на Чистиот понеделник сите се бањале, а жените ги миеле садовите и ги „пареле“ садовите за млеко, чистејќи ги од масти и од остатоци од мрсна храна. 
Со деновите на Масленицата се поврзани многу шеги, досетки, песни, пословици и изреки: „Во снег до појас, во палачинки до грло“, „Што е животот без масленица“, „На Масленица и прсти да излижеш и парички да нанижеш“, „Би ја дал и последната пара, само Масленица да славам“, „Не е секој ден масленица, ќе дојде и Големиот пост“, “Масленицата се плаши од горка ‘рдоква и од варена репа“ (односно од постот).

                                      - превземено од РУСКА  РЕЧ

Нема коментара:

Постави коментар